Дали ви се случува да фрлате храна? Погрижете се тоа да биде ретко. Планирањето на менито и правилното складирање на храната сигурно ќе ви помогнат.
Расчистувањето на масата и чувањето на храната се важен дел од готвењето. Како да го направите чистењето по вечерата попривлечно за вас и децата? Кој производ треба да се чува во фрижидер? Дозволете ни да ви помогнеме со неколку совети.
Месото - на најдолната полица, сирењето - на најгорната, јајцата - на вратата. Во фрижидерот има соодветно место за секој производ. Ако го оставите таму, ќе го одржувате свеж со денови, па дури и со недели.
Топлиот воздух се движи нагоре, студениот останува долу. Затоа, дното на фрижидерот е секогаш неколку степени потопло од горниот дел. Температурата во одделот за зеленчук е малку повисока како резултат на стаклената преграда, а и на вратата - поради честото отворање.
Како да го распоредите фрижидерот така што производите ќе ги зачувате свежи подолго време? Ставете полупроизводи и сирење на најгорната полица. Во средина - млеко и свежи млечни производи. Рибата и месото оставете ги на долната полица. Во делот за зеленчук ставете карфиол, брокула, морков, ротквица, спанаќ и зелена салата, со други зборови, зеленчук отпорен на студ. Вратата на фрижидерот е место резервирано за млеко, јајца, сенф и безалкохолни пијалоци.
Често имаме навика да ги чуваме апсолутно сите зеленчуци во фрижидер, директно од торбата за купување. Имајте на ум дека ова не е најдоброто решение за многу од нив. Доматите, краставиците, пиперките - ако ги оставите во фрижидер, омекнуваат и скапуваат. За да ги одржувате свежи подолго време, чувајте ги на темно и ладно, но не во фрижидер. Истото важи и за компирите, кромидот и лукот. Тиквичките, модриот патлиџан, ананасот, бананите и дињите, исто така, претпочитаат малку повисока температура отколку онаа во вашиот фрижидер.
Современите фрижидери нудат регулација не само на температурата, туку и на влажноста. Користете ја оваа опција - намалете ја влажноста за да ги задржите производите свежи уште подолго.
Миењето садови не мора да биде здодевно. Ова може да биде еден од заедничките забавни моменти дома.
Додека ги миете садовите во кујната, пуштете ја омилената музика. Дадете им задача на децата - да ги исушат садовите со крпа - додека танцуваат. И нека кујната се претвори во подиум!
"На буквата, на буквата... " На кого му се игра? Дали знаете колку тајни предмети всушност се скриени во кујната. Или пак именувајте кујнски предмет и кажувајте за што сè тој може да се користи. Или, пробајте да погодите која песна си ја потпевнува другиот. Преку игрите можете да го направите расчистувањето навистина забавно.
Ако треба да разговарате со некој од семејството насамо - ова е вистинкото место! Разговорите во кујната се секогаш пријатни. Не е важно дали готвите или чистите - темите ќе се појават сами.
Полнењето и празнењето на машината за миење садови може да бидат многу позабавни ако ги претворите во игра за криење. Скријте ги пластичните лажици и вилушки помеѓу другите садови и прогласете го за победник оној кој прв ќе ги најде.
Дали дома имате четка со ушиња или сунѓер со очиња? Додадете и крпа со името на вашето дете и ќе имате навистина горд помошник - со сопствен персонализиран комплет за чистење.